По нерешениот резултат на Манчестер Јунајтед синоќа на гостувањето кај Њукасл се огласи Гери Невил.
Изданието на „црвените ѓаволи“ беше под сите критериуми, што го налути поранешен дефанзивец на Јунајтед, а сега во улога на стручен консултант во „Скај Спортс“.
„Ова во Сент Џејмс Парк беше навистина лошо. Нема ништо позитивно. Апсолутно ништо. И има детали на кои треба да поработат. Гледајте ги како прават што прават на теренот, само креваат раце, постојано се жалат“.
Невил е директен, и„удри“ првите ѕвезди. Тој не ги штеди, и се обидува да го лоцира проблемот.
„Нешто не е во ред во Манчестер. Не знам за што се работи, но тие дефинитивно само кукаат еден на друг. Ми се чини и дека борбата за лидерство е во тек. Хари Мекгваер ја носи лентата, но не се чувствува како капитен. Сум зборувал за говорот на телото и порано. На пример, Кристијано Роналдо се упати кон соблекувалната против Ватфорд, а потоа на Викариџ Роуд, и сега повторно. Истото се случи и во Норич. А Бруно Фернандез постојано се жали на нешто“.
Роналдо го заврши мечот со претпоследниот тим на табелата во Премиер лигата без шут против Мартин Дубравка, без ниту една создадена шанса, со дури девет загубени додавања. Неговиот сонародник исто така ја „чуваше“ нулата, освен што им овозможи барем една шанса на соиграчите, но поради тоа „продаде“ дури 26 топки.
„И Роналдо и Бруно се двајца важни играчи. Поразително е за младите кога првите двајца не им даваат можност за напредок. Единсон Кавани е спротивен пример. Тој им се спротивставува на Роналдо и Бруно, помагајќи им на младите на теренот. Не ми е гајле како игравте, но мора да ги поздравите навивачите на крајот од секој натпревар. Мора да го направите тоа, особено ако сте еден од најдобрите играчи во овој тим и еден од најдобрите на планетата на сите времиња. Ме нервира веќе два месеци. Говорот на телото на постарите фудбалери е поразителен“, изјави Гери Невил.