Не помогна тоа што Јанг се врати во Атланта, доби дозвола за игра, односно излезе од таканаречениот здравствен протокол на половина час пред мечот, постигна 29 поени, но Булси ја однесоа победата од југот. Победија четврти пат по ред, Дерозан постигна 33 поени, ЛаВин додаде 30, Вучевиќ 24, со дури 17 скока и 6 асистенции.

Домашните немаа решение, се во страшно лоша серија, загубија осум пати дома, имаат скор 15-18 и се само десетти на Западот.

Хорнетс лесно го совладаа десеткуваниот Хјустон, Тери Розиер постигна 27 поени и со седум тројки ја продолжи страшната серија од три натпревари во кои шутира близу 50% за три поени.

Кристапс Порзингис го одигра најдобриот натпревар сезонава во победата на Далас над Портланд. Постигна 34 поени во отсуство на болниот Дончиќ и уште петмина играчи, во рекетот Мавс го растури ривалот давајќи им речиси 70 поени.

Иако без најдобрите играчи, Минесота го изненади Бостон, Џејлен Новел и Нејтан Најт ги шокираа „Келтите“ со комбинирани 49 поени. Кај гостите Браун запиша 26 поени.

Харден ги разби Клиперси, постигна 39 поени, имаше 15 асистенции, Нетси имаат најдобар скор на гости од 13-3, прво ги добија Лејкерси за Божиќ, останаа во градот и ги исчистија и Клиперси. Харден во кариерата има надминато 6.000 асистенции и стана 10-тиот играч во историјата кој има повеќе од 20.000 поени, 5.000 скока и 6.000 асистенции.

Џорџ Кларксон постигна 23 поени во отсуство на Донован Мичел, тој ја презеде улогата на егзекутор против тимот од неговиот роден град Сан Антонио,за Јута да победи шести пат по ред.

Херој на вечерта е Џа Морант, тој во Феникс постигна 33 поени, вклучувајќи го и кошот во последната секунда, па Мемфис ја однесе победата од Аризона. Букер погоди тројка, се чинеше дека Санс кои речиси цел меч ја бркаа предноста на крајот ќе успеат да се извлечат, но славеа „Гризлис“. За Феникс ова е втор пораз во низа на домашен терен, претходно загубија во божиќното дерби од Вориорс, пред тоа победија 15 во низа. Интересно е што сезоната ја почнаа со два неуспеси пред своите навивачи, па сега имаат скор 15-4 на свој паркет

Резултати:

Шарлот – Хјустон 123: 99
Атланта – Чикаго 118: 130
Минесота – Бостон 108: 103
Сан Антонио – Јута 104:110
Феникс – Мемфис 113: 114
Портланд – Далас 117: 132
ЛА Клиперс – Бруклин 108:124