Сребрениот македонски олимпиец Дејан Георгиевски, кој испиша летово историја со олимпиското сребро на Летните Олимписки Игри во Токио, очекувано е избран за најдобар спортист на Македонија, во изборот на Агенцијата за млади и спорт (АМС).
Олимпиецот победи во изборот во кој меѓу петте номинирани беше и светскиот кик-бокс првак Димитар Георгиев, сребрениот каратист од СП во Дубаи, Емил Павлов, олимпиецот Могамедгаџи Нуров, кој заврши како деветти на ЛОИ во Токио во борење и Елиф Елмас, младиот македонски репрезентативец кој со фудбалската селекција обезбеди мундијалски бараж, а играше на Еуро 2020.
Најдобра спортистка е фитнес и бодибилдерката Мери Акиевска, која освои злато во апсолутна категорија на СП во Санта Сузана, а меѓу петте номинирани во женска конкуренција беа и кик-боксерката Викторија Варадинова со петтото место на СП, каратистката и олимпијка Пуликсенија Јовановска, џудистката Абреша Реџепи со настапот на ЛОИ во Токио и атлетичарката Дрита Ислами.
Женската кадетска ракометна селекција е најдобар женски тим поради освоениот ЕХФ-шампионат во Литванија, а машката фудбалска репрезентација го доби признанието за најдобар машки тим за настапот на Еуро 2020 и пласманот во мундијалскиот бараж.
Најдобар тренер е Борче Костовски, тренерот на сребрениот олимпиец Георгиевски, додека најдобра федерација е таеквондо федерацијата на Македонија.