Фабио Коентрао двапати ја освои Лигата на шампионите со Реал Мадрид, но како 33-годишен се прости од фудбалот и се посвети на риболовот.
Сега веќе поранешен португалски репрезентативец, кариерата ја започна во Рио Аве, а потоа во 2007 година се пресели во Бенфика. По неколкуте позајмици доби вистинска шанса во првиот тим каде го привлече интересот на Реал Мадрид кој во 2011 година му плати дури 30 милиони евра.
Четири години подоцна замина на позајмица во Монако, а во текот на сезоната 2017/18. остана и во Спортинг како позајмен играч. Кариерата ја заврши минатото лето во Рио Аве, каде се врати во 2019 година.
„Животот на море не е срам“
За Реал одигра 106 натпревари и освои девет трофеи, меѓу кои две титули во Лигата на шампионите и Ла Лига, додека со Бенфика и Спортинг еднаш беше шампион на Португалија. Иако се добива впечаток дека сепак можеше да игра фудбал, тој реши да се посвети на риболовот бидејќи тоа е уште една негова голема љубов.