По неколкучасовна драма на аеродромот во Мелбурн, властите на австралиската држава Викторија одлучија да не дозволат влез на Новак Ѓоковиќ во земјата и првиот тенисер на светот ќе биде вратен дома, потврди австралиската гранична полиција.
„Ќе продолжиме да гарантираме дека оние што пристигнуваат на нашата граница ги почитуваат нашите закони и условите за влез. Можеме да потврдиме и дека г-дин Ѓоковиќ не обезбеди соодветни докази за да ги исполни условите за влез во Австралија, а визата потоа му беше укината“, се вели во соопштението на австралиската гранична полиција.
Адвокатите на Ѓоковиќ ќе се жалат на одлуката, но според австралиските новинари тешко дека нешто ќе се промени.
Да потсетиме, српскиот тенисер не ја прими вакцината против коронавирус и поради тоа не можеше да влезе во Австралија и да игра на првиот Грен слем сезонава. Tој добил медицинско ослободување, но неговиот тим погрешно го пополнил формуларот за виза и бил задржан на аеродромот каде што бил сослушан за причините за ослободувањето.
Со часови бил испрашуван на аеродромот
Најдобриот светски тенисер и осумкратен победник на Австралија опен чекал во притвор за имигранти со часови по слетувањето во Мелбурн, му бил одземен мобилниот телефон, а го обезбедувале двајца полицајци. Исто така, Ѓоковиќ со часови бил испрашуван и биле проверувани документите кои го потврдуваат неговото ослободување од вакцинација.
Австралискиот премиер Скот Морисон изјави претходно во средата дека Ѓоковиќ мора да докаже дека медицинското ослободување од вакцинацијата против коронавирус што го примил е автентично или ќе биде испратен дома со првиот авион, почитувајќи ги прописите на австралиските власти за прекуграничен влез за време на пандемија на коронавирус.
„Нема посебни правила за Ѓоковиќ“
„Го чекаме неговото излагање и доказите што ги приложи. Доколку нема доволно докази, ќе се однесуваме кон него како и кон кој било друг, односно првиот авион ќе биде испратен дома. За Ѓоковиќ нема да има посебни правила“, рече тој.
Претходно, Тениската асоцијација на Австралија и владата на државата Викторија објавија дека Ѓоковиќ не добил никаков посебен третман за да добие медицинско ослободување од вакцинацијата против коронавирус, која е задолжителна за сите кои ќе настапат на Австралија опен.