Премиерот на Австралија Скот Морисон изјави дека Новак Ѓоковиќ мора да ја напушти таа земја.
Српскиот тенисер навистина имаше виза, но не и потребна документација за влез во Австралија и учество на првиот Грен слем сезонава.
„Австралија има свои граници и правила, ова е поврзано со примената на тие правила. Нема да навлегувам во медицинската историја на Новак, само ќе кажам дека доставените докази не беа доволни. Првиот чекор е што му беше укината визата и сега мора да замине што е можно поскоро некаде каде што е можно да се оди. Не е можно да остане во земјата и да биде во карантин. Тениската асоцијација му даде дозвола да игра и тоа е во ред. Но, „Ние ги поставивме правилата за влез во земјата. И ако тие барања не се исполнети, тогаш нема влез во Австралија“, рече Морисон.
Тој вели дека сето ова нема врска со тоа од каде е Новак.
„Мерките не се насочени против поединец или нација. Србија е наш голем пријател. Ова има врска само со една личност и со конкретниот случај.
За „специјалниот третман“ на Новак
„Кога луѓето ви даваат јавни изјави за тоа што имаат и што ќе направат, тие привлекуваат посебно внимание на себе. Секој што го прави тоа, без разлика дали е славна личност, политичар, тенисер, новинар, кој и да е, може да очекува да му бидат поставувани прашања повеќе од другите. Така функционираат граничарите“.