Новак Ѓоковиќ за прв пат ги објави резултатите од позитивен ПЦР тест. Српскиот тенисер во последните денови беше критикуван во јавноста поради потенцијалното ширење на вирусот од негова страна во декември. Тој го потврди ова и се извини за својот потег.
Тој тврди дека на 17 декември добил позитивен резултат, а не како што се вели 16 декември. Тој наведува и дека не бил заразен и отишол на доделување трофеи за деца на 17 декември, но признава дека еден ден подоцна го интервјуирале француски новинари.
„Сакам да одговорам на дезинформациите за моите активности и присуството на настаните во декември. Ова се дезинформации што треба да се коригираат, особено за да се смири загриженоста за моето присуство во Австралија, но и да се одговорат на болните прашања за моето семејство.
Бев на кошаркарски натпревар во Белград на 14 декември, по што беше пријавено дека неколку луѓе кои биле таму биле позитивни на корона. Иако немав никакви симптоми, направив брз антигенски тест на 16 декември, кој беше негативен и како дополнителна претпазливост истиот ден направив и официјален ПЦР тест.
Следниот ден присуствував на тениски настан во Белград за доделување награди на децата; Направив брз антигенски тест пред да одам на овој настан, и беше негативен. Немав никакви симптоми, се чувствував добро и дури после тој настан добив известување за позитивен ПЦР тест.
Следниот ден, 18 декември, бев во мојот тениски центар во Белград за да ја исполнам претходно договорената обврска за интервју и снимање за L’Équipe. Го откажав моето учество на сите други настани освен интервјуто за L’Équipe. Се чувствував должен да направам интервју за L’Équipe бидејќи не сакав да изневерам новинар, но се држев до мерките за социјално дистанцирање и носев маска освен за време на снимањето.
По интервјуто и снимањето си заминав дома во изолација за планираниот период, но сега ми е јасно дека згрешив во проценката и дека требаше да го одложам интервјуто“, напиша Ѓоковиќ.
Тој се осврна и на изјавата за патување во рок од 14 дена пред пристигнувањето во Австралија, која мораше да ја пополни, како и секој друг патник во Австралија, пред да се качи на летот. Во изјавата на Ѓоковиќ, која неговите адвокати ја доставија до судот како доказ, жалејќи се на укинување на визата, се констатира дека тенисерот во тој период не патувал никаде.
Претходно медиумите објавија дека ова тврдење било демантирано од сведоци, но и од содржината на социјалните мрежи, а Ѓоковиќ истакна дека изјавата за патувањето не ја пополнил тој, туку неговиот тим и дека истото го кажал на службениците за имиграција при влез во земјата.
„Мојот агент длабоко се извинува за административната грешка, која ја означи погрешно поле како одговор на прашањето за моите патувања пред да дојдам во Австралија“, рече тенисерот, додавајќи дека станува збор за „човечка грешка“ и дека се работи за ненамерно.
Тој додаде дека неговиот тим денеска и дал дополнителни информации на австралиската влада и дека повеќе нема да ја коментира целокупната ситуација од почит кон австралиската влада и тековниот процес.