Селекторот на американската женска фудбалска репрезентација Влатко Андоновски на првиот тренинг камп годинава повика 25 играчи, а меѓу нив е и 19-годишната Тринити Родман, ќерката на поранешната НБА ѕвезда Денис Родман. Тринити Родман е 19-годишната напаѓачка на актуелниот шампион во NWSL лигата Вашингтон Спирит, а оваа година беше прогласена за дебитант на сезоната.
„Таа беше една од најдобрите играчи во лигата минатата сезона и докажа дека може да биде конкурентна на професионален план во NWSL. Заслужи и покана за репрезентацијата“, изјави Андоновски. Тринити Родман е ќерка на Денис Родман, кој беше петкратен шампион во НБА, во 1989 и 1990 година со Детроит и од 1996 до 1998 година со Чикаго Булс под водство на Мајкл Џордан.
Од 1992 до 1998 година седум сезони по ред беше најдобар скокач во лигата, што и денес е рекорд во НБА лигата. Исто така познат по своите тетоважи, обоена коса и развратен живот, Родман беше примен во Куќата на славните во 2011 година.