Македонскиот ракометен првак Вардар во контролен натпревар а дел од Хумел купот го совлада дански Холстебро (33-28) и ќе игра во финалето.
„Црвено-црните“ до победата дојдоа благодарение на одличното отворање на второто полувреме. Данскиот ривал парираше до паузата, кога резултатот гласеше 14-13 за вардарци, а во вториот дел избраниците на Вујовиќ вклучија „втора брзина“ и ја остварија целта.
Главната разлика Вардар ја направи кога во воведните десет минути од второто полувреме на ривалот му дозволи да постигне само два гола. Во 40. минута резултатот гласеше 22-15 за Вардар и останатиот дел од мечот беше само рутина. Холстебро константно бркаше, ама не успеа да се доближи сериозно.
Вардар во финалето на турнирот ќе игра со бундеслигашот Магдебург или словенечки Горење (19:00 часот).