Вели дека во второто полувреме нашите ракометари, едноставно, се блокираа и очигледно стана неискуството. Дури и кај некои што треба да бидат лидери и веќе имаат големи мечеви во нозете дојде до блокада.
„Не можеме да ги преброиме грешките коишто ги направивме. Едноставно да ви кажам бев немоќен, што и да направам, како и да реагирам, како да се случуваше на филм. Играчи кои играат во клубови со коректни улоги, играат во Лигата на шампионите, Бундеслига, во добри првенства, да не набројувам имиња, не смеат да си дозволат така. Без разлика дали е добра стратегијата или не, ти или си играч или не. Тоа го решаваш на терен. Ние сме тука да подготвиме, да направиме тактика, но тие се оние кои решаваат на терен. Дојде до еден психолошки блок и ние бевме, речиси немоќни. Едноставно видикот, перцепцијата на целиот терен ни се намали. Не знаеја и не знаевме што правиме. Очигледно е дека играчите имаа голем притисок, кога натпреварот не тргна добро. Се враќавме, бевме блиску, но наместо да се посветиме на нашата одбрана, ние цел натпревар бркавме разлика. Евидентно е дека треба да учиме уште многу, да тренираме, да работиме“, изјави Лазаров по натпреварот.
Не можеше, а да не се осврне на проблемите со отсутните играчи, кои продолжија да ја следат Македонија и денеска, кога го загубивме Столе Стоилов.
„Не сакам да го користам како алиби сето тоа што ни се случуваше, поготово со нашиот капитен, Столе, па и со Николче, не знаевме до последен момент дали ќе настапи. Едноставно Црногорците подобро се прилагодија на овие усливи“, додаде селекторот.
Откри дека и Бојан Маџовски се жалел на повреда денеска, па изостана можната ротација со Кузманоски, кој одигра цел натпревар.