Француската ракометна репрезентација ја совлада Данска со 30:29 со спектакуларен пресврт во последниот натпревар од второто коло и избори пласман во полуфиналето на Европското првенство од првото место во групата и оди за Шведска. Данска е втора и ќе игра против Шпанија.

Данците почнаа сигурно и веќе во петтата минута беа на четири разлика, Франција во неколку наврати успеа да намали, но на крајот на полувремето избраниците на Николај Јакобсен имаа предност од 17:12. Французите изгледаа како да се во нокдаун.

Данска одржуваше убедлива предност во поголемиот дел од вториот дел. Таа во 47. минута водеше со пет разлика и се чинеше дека Французите немаат спас. Незапирливи беа Никлас Киркелоке со 10 и Џејкоб Холм со девет гола. А потоа во последните 10 минути една поинаква Данска.

Французите почнаа да постигнуваат брзи голови додека играа беспрекорна одбрана. Дика Мем ја врати Франција во игра со разорен надворешен удар, а Хуго Дескат со сигурно изведување седмерци. Галските петли во 57. минута израмнија што значеше сигруно второ место, а на минута и пол до крајот Мем постигна гол за прво водство на Франција на натпреварот. Тоа беше гол за конечни 30:29.

Овој пораз сигурно повеќе им наштети на Исланѓаните отколку на самите Данци. Имено, на Исланд и требаше победа на Данска за да се пласира во полуфиналето. Се чинеше дека така ќе биде 50-тина минути, а потоа Французите со пресврт ги разочараа. Исланѓаните ќе се борат со Норвежаните за петтото место кое им носи директен пласман на СП 2023 година.