Македонската ракометна репрезентација со освоеното 22. место на тековното Европско Првенство се стави во позиција да мора да игра два бараж натпревари за Светското првенство 2023 година кое ќе се одржи во Полска и Шведска.
Кирил Лазаров и неговите избраници денеска ќе го дознаат противникот во првиот бараж дуел. За првиот натпревар сме носители заедно со Австрија, Босна и Херцеговина, Белорусија, Литванија, Португалија, Украина, Словенија и Словачка.
Можни ривали на македонските ракометари се Белгија, Естонија, Фарски Острови, Финска, Израел, Грција, Италија, Романија и Швајцарија. Бараж дуелите ќе се играат на 14 и 20 март.
Ова е првиот чекор кон пласман на Мундијалот. Вториот чекор е потежок, тука Македонија ќе има тешка задача нема да биде во носителите пред ждрепката, па ќе игра против селекции како Хрватска, Чешка, Германија, Унгарија, Србија и Русија, Црна Гора, Холандија и Исланд.
Ждрепката е закажана со почеток во 14:30 часот, ќе се одржи во Будимпешта.