Лука Дончиќ во првиот натпревар откако дозна дека нема да биде стартер на Ол-старот одигра маестрално. Во победата на Далас од 132-105 над Индијана, тој постигнуваше тројки со сирената, додаваше без да гледа и стана петтиот најмлад играч кој постигнал 6.000 поени во НБА.

Дончиќ заврши со 30 поени, 12 асистенции, шест скока, две блокади, една украдена и само една загубена топка. Имаше многу ефектен шут 12/21 од игра и 4/9 за тројка, а впечатокот го расипа само на линијата за слободни фрлања (2/7).

Дури 22 од своите 30 поени Дончиќ ги постигна во првото полувреме, а меѓу нив и оваа луда тројка на крајот од втората четвртина.

Но, тој беше уште повеќе воодушевен со неколку додавања. Исфрли еден по целиот терен како бек од НФЛ, но најмногу воздишки предизвика по овој пробив и асистенција без да гледа, зад грб на отворена тројка.