Словенечкиот кошаркар Горан Драгиќ (36) на социјалните мрежи објави дека се враќа во репрезентацијата со која ја освои титулата европски првак во 2017 година.
Долгоочекуваната вест за словенечките љубители на кошарката ја соопшти новиот член на Чикаго Булс преку Твитер.
„Се вратив“, напиша Драгиќ на англиски на Твитер, додека Словенечкиот кошаркарски сојуз (КЗС) во својата објава додаде „Денес е среќен ден“.
Драгиќ ги предводеше „змејовите“ на Евробаскетот 2017, каде Словенија го освои златниот медал, а тој ја освои и наградата МВП на турнирот.
По ЕП се прости од репрезентацијата, но неодамна се врати за натпреварите против Хрватска во квалификациите за СП кој Словенија го доби со 97-69 и на натпреварот на гости против Шведска.
По добар месец размислување, притисокот на соиграчите и словенечките навивачи вроди со плод и Драгиќ реши да и помогне на словенечката репрезентација да го одбрани златото од 2017 година.
Словенија ќе го брани златото на Европското првенство кое од 1 до 18 септември ќе се одржи во Италија, Чешка. Грузија и Германија.
Актуелниот европски првак ќе игра во групата Б заедно со селекциите на Франција, Литванија, Германија, Унгарија и Босна и Херцеговина, а ќе напредуваат првите четири селекции.
Драгиќ неодамна потпиша едногодишен договор со Булс вреден 2,9 милиони долари. Во Чикаго се пресели од Бруклин, а пред тоа играше во НБА за Феникс Санс, Хјустон Рокетс, Мајами Хит и Торонто Репторс.
За 36-годишниот Словенец тоа ќе биде 15-та сезона во НБА. Во тој период имаше просек од 13,7 поени по натпревар.