После Рајо Валјекано со Столе Димитриевски и Валенсија, Бетис е третиот клуб кој доаѓа на чекор до последната елиминациска рунда во кралскиот куп, а вистинска лекција зелено-белите им одржаа на Баскијците, со два гола на Хуанми, како предводник во триумфот.
Хуанми ги даде првите два гола на мечот, прво во 12-та, па во 57-та минута и со тоа дојде до 16 гола сезонава во сите натпреварувања во дресот на Бетис, што е убедливо најдобар негов голгетерски учинок во 13-годишната кариера досега, надминувајќи ги 15-те гола во дресот на Реал Сосиедад кога беше член во сезоната 2016/17.
Екс-фудбалерот на Баскијците, Вилијан Жозе, кој го наполни Вардар пред пет години во Лига Европа, додаде еден гол во 83-та минута од пенал, а Рубиал во 87-та само стави печат на убедливата победа за полуфинале.