Макс Парот од Канада го освои златото во дисциплината сноуборд слоупстајл на Зимските олимписки игри во Пекинг .
Парот најдобро се снајде со масивните скокови на патеката во Гентинг парк, инспирирана од Кинескиот ѕид, а златото му го донесе второто возење со резултат 90,96. Среброто го освои кинеската тинејџерска сензација, 17-годишниот Су Јиминг (88,70), додека Канаѓанецот Марк МекМорис (88,53) заврши трет.
Пред четири години Парот беше сребрен во оваа дисциплина зад Американецот Редмонд Џерард, кој денеска беше четврти (83.25).
Неколку месеци по освојувањето на сребрениот медал во Пјонгчанг, Парот дознал дека боледува од рак на лимфниот систем. И покрај исцрпувачките сесии на хемотерапија, тој секогаш беше уверен дека ќе ја продолжи кариерата, што го направи по пауза од шест месеци.
„Откажувањето никогаш не било опција“, објасни Канаѓанецот, кој учествува на својата трета Олимпијада на 27-годишна возраст и исто така ќе се натпреварува на Биг Ер.