Чурлинов во интервју за германски ВАЦ посочи дека прва и главна цел е Шалке да се врати во елитната Бундес лига, откако во минатата сезона испадна во Цвајта и дека сѐ во моментов е насочено само кон тоа.
„Во овој момент, само враќањето на Шалке во Бундес лигата ми е важно. За потоа ќе видиме на лето што ќе се случува“, вели Чурлинов.
Германски медиуми најавуваат дека Шалке нема да се откаже од опцијата да го задржи, особено ако се вратат во елитата, иако од Штутгарт уште пред неколку месеци најавија дека по завршувањето на заемот, македонското крило ќе се врати во овој клуб со кој има договор до 2024 година.
„На скала од нула до 100, би рекол дека сум некаде на 60. Не може постојано да играте на највисоко ниво, најважното е Шалке да победува и да се врати таму каде што му е местото. Сѐ друго е небитно. И јас ќе дадам сѐ од себе за да ги оствариме целите, убеден сум во тоа. Овој тим го има сиот потребен квалитет за да обезбеди враќање во Бундеслигата“, додаде Чурлинов.
Македонскиот репрезентативец, кој веќе има 13 настапи за Македонија и е најмладиот дебитант во А-селекцијата за Штутгарт потпиша од Келн, но кај „швабите“ не доби премногу шанса и има само еден меч во Бундеслигата, по што дојде на заем во Шалке.