Новак Ѓоковиќ треба да игра на Мастерсот во Монте Карло, но сега има реални шанси да го прескокне тој турнир бидејќи не може да го одигра во целост. Доколку реши да настапува во градот каде што живее, Ѓоковиќ би можел да игра само до полуфиналето.

Имено, во Монте Карло, независно кнежевство каде важат француските епидемиолошки правила, потврдата за прележан од коронавирус важи четири месеци. Откако Ѓоковиќ се зарази на 14 декември, неговата потврда важи само до 14 април, денот кога се закажани полуфиналните натпревари во Монте Карло.

Ѓоковиќ, кој неодамна изјави дека нема да се вакцинира, најверојатно ќе го пропушти турнирот бидејќи нема многу смисла да игра ако не може да го заврши. Сепак, можно е и АТП и Франција дотогаш да ги променат правилата, па првиот светски тенисер сепак да игра на турнирот кој го освои двапати.