Срна е легенда на Шахтер, каде мина повеќе од една деценија како фудбалер, а сега е спортски директор на украинскиот великан, па тој е затечен од случувањата во Украина и заклучен во хотелот со екипата, откако вчера рано наутро почна руската инвазија и ги разбуди жителите во Киев, како и низ цела Украина со жестоки детонации од гранатирање на воени објекти.
„Ситуацијата не е баш добра, не е убаво да ве разбудат детонации во 4.30 часот наутро, кога првпат се слушнаа сирените за општа опасност и воздушни напади. Јас овој брод не го напуштам, прв па најмалку. Во хотелот сум со стручниот штаб, Украина е моја втора држава, мој втор дом. Нема паника, ќе дадеме сѐ за да биде мир“, вели Срна.
Тој посочи дека ова е трета војна во неговиот живот, првата во Хрватска при крвавиот распад на поранешна Југославија во 90-те години од минатиот век, а втората после мајданската револуција по која Крим беше анектиран од Русија, а регионот Донбас, населен со претежно руско население влезе во воен конфликт со Украина, по што Шахтер мораше да избега во Киев, а супермодерната „Донбас Арена“ каде се играше Еуро 2012, две години потоа беше разрушена од гранатирање.
„Не можев да замислам дека ова се случува и дека ќе се случи. Во животот човек треба да е силен, а за мене ова е трета војна. Немаме друг избор освен да останеме мирни, да не паничиме и да бидеме силни. Ситуацијата не е добра, сега не е прашање еден регион, туку цела Украина е во прашање“, додава Срна.