Швајцарскиот бизнис магнат Хансјоерг Вис размислува да го купи англискиот фудбалски клуб Челзи од рускиот милијардер Роман Абрамович, тврди швајцарскиот весник Blick. За потсетување, по санкциите воведени кон Русија и руските олигарси, Абрамович одлучи да го напушти лондонскиот клуб.
“Абрамович моментално се обидува да ги продаде сите свои вили во Англија. Тој исто така сега сака брзо да се ослободи од Челзи. Јас заедно со уште три лица во вторникот добивме понуда да го купам Челзи од Абрамович”, изјави Вис за Блиц. Тој рече дека ќе мора да почека четири или пет дена за да види како ќе се одвиваат работите.
„Абрамович бара премногу во овој момент. Челзи му должи 2 милијарди фунти, но нема пари, па тој што ќе го купи клубот треба да го обештети Абрамович“, рече тој и додаде дека точната продажна цена се уште е нејасна.
“Она што веќе можам да го кажам е дека сигурно нема сам да направам такво нешто. Ако го купам Челзи, тоа ќе биде со конзорциум од шест или седум инвеститори“, рече Швајцарецот. Европскиот шампион Челзи неодамна премина во рацете на добротворна организација, откако Абрамович се повлече поради војната во Украина.