Екипата на Интер одигра допадливо на „Енфилд Роуд“ и успеа да слави над Ливерпул (0-1). „Црвените“ го доживеаја првиот европски пораз сезонава, но и покрај тоа патуваат во четвртфиналето од Лигата на шампионите. Одлучи претходниот меч во Милано, на кој Интер грешеше и прими два гола од ривалот.
Навивачите на „нераѕурите“ може да жалат затоа што тукушто тимот дојде до предност и го скрши ривалот, Интер остана со играч помалку на теренот поради исклучувањето на Санчез. Ова беше прв пораз за Ливерпул во Европа оваа сезона и воедно прв домашен пораз по точно една година. Последниот неуспех на „Енфилд Роуд“, црвените на Клоп го доживеаја на 7 март 2021 година кога загубија пред својата публика од Фулам(0-1).
Првата голема можност беше во 31. минута кога Матип ја стресе пречката од голот на Хандановиќ, а минута подоцна Ван Дијк имаше добра прилика за гол, ама Шкрињар импресивно изби во корнер.
На стартот на второто полувреме, Ливерпул вторпат ја погоди стативата, овој пат преку Салах, па пристигна казната.
Во 62. минута Интер дојде до предност. Лаутаро го прекина постот во Лигата на шампионите и погоди по десет меча. Голот на Аргентинецот беше феноменален. Но, сето тоа го „поништи“ Санчез кој една минута подоцна беше исклучен поради втор жолт картон. Инзаги се обиде да направи нешто повеќе со внесувањето на Кореа, ама залудно. Клоп ја затвори играта и така Ливерпул обезбеди место во следната фаза од Лигата на шампионите.