УЕФА покрена дисциплинска постапка против Пари Сен Жермен, неговиот претседател Насер Ал Келафи и спортскиот директор Леонардо поради неспортско однесување по поразот на ПСЖ од Реал Мадрид во осминафиналето од Лигата на шампионите.
Постапката се заснова на член 11 од дисциплинските прописи кои се однесуваат на „општите принципи на однесување“ и членот 15, кој санкционира „некоректно однесување на играчите и функционерите на клубот“, изјави портпаролот на УЕФА за АФП.
Санкциите за прекршување на овие одредби може да бидат суспензија на натпревари и парична казна за клубот.
Шпанските медиуми денеска објавија дека Ал Келаифи и Леонардо имале „агресивно однесување“ кон судиите по натпреварот, лути што судијата не го поништил првиот гол на Реал Мадрид.
ПСЖ смета дека центарфорот на Реал, Карим Бензема направил прекршок над голманот на ПСЖ, Џанлуиџи Донарума, а судиите тоа не го провериле преку ВАР.
Според содржината на извештајот од натпреварот, кој го пренесоа шпанските медиуми, двајца функционери на ПСЖ „покажале агресивно однесување и се обиделе да влезат во судиската соблекувална“.
Извор од парискиот клуб изјави за АФП дека Ал Келаифи и Леонардо само сакале да разговараат со судијата и инсистирале на тоа , а тој одбил.