Рускиот тенисер Даниил Медведев, кој го загуби местото светски рекет број со поразот во третото коло на Индијан Велс, даде свое видување на ситуацијата .
,,Подобро е да се биде најдобар кратко отколку никогаш“, изјави рускиот тенисер Даниил Медведев, кој го загуби местото прв играч на светот по поразот во 3. коло на Мастерсот во Индијан Велс од Французинот Гаел Монфис.
„Ќе дадам се од себе, на тренинзи, натпревари, грен слем турнири, мастерси, да освојам што повеќе турнири и да освојам што повеќе поени за да можам подолго време да бидам број 1. Но, подобро е да бидам број еден за една недела отколку воопшто да не бидам на врвот“, рече 26-годишниот Медведев.
На почетокот на следната недела Русинот на врвот на светската ранг-листа ќе биде заменет со Србинот Новак Ѓоковиќ, кој по само три недели ќе се врати на светскиот трон. Ѓоковиќ не настапува на Индијан Велс бидејќи се уште не е вакциниран против коронавирусот и затоа не му е дозволен влез во САД, а ќе биде на врвот на АТП ранг листата најмалку до 3 април.
Со успешен настап на Мастерсот во Мајами следната недела, Медведев би можел повторно да го преземе водството на АТП-листата. За тоа ќе треба да се пласира во полуфиналето со оглед на тоа што лани беше елиминиран во четвртфиналето.