И Јунајтед и Атлетико имаат сериозни дефанзивни проблеми од почетокот на сезоната и тешко дека ќе ризикуваат да нападнат уште од самиот почеток. Хари Мегваер постојано е критикуван, но Ралф Рангник сепак верува во него. Мадриѓаните речиси и да немаат натпревар без примен гол од почетокот на сезоната, а Диего Симеоне никако не успева да ги реши проблемите.
Во текот на викендот, Манчестер Јунајтед оствари многу важна победа со 3-2 над Тотенхем и ги задржа надежите за пласман во топ 4 во Премиер – лигата. Кристијано Роналдо беше големиот херој со хет-трик и покажа дека неговиот тим се уште зависи од Португалецот.
Вечерва сите очи повторно ќе бидат вперени во Кристијано и тоа со добра причина. Атлетико Мадрид примил вкупно 25 гола токму од Роналдо додека ги носеше дресовите на Реал Мадрид и на Јувентус. Може да се каже дека „душекџиите“ му се омилени жртви.
Атлетико е во серија од четири последователни победи во Ла Лига, но тимот на Чоло Симеоне не може да биде сигурен за неговото место меѓу четирите најдобри. Против Кадиз во текот на викендот, тимот победи, но без некој посебен сјај.
Мадриѓаните во пет од последните осум сезони стигнаа барем до четвртфиналето на Лигата на шампионите, а пред една година беа елиминирани во осминафиналето од друг тим од Англија – Челси, кој потоа го крена и трофејот.