Во вечераниот натпревар на Националната арена „Тодор Проески“ репрезентациите на Македонија и Романија го одиграа нерешено (0:0) и ги поделија бодовите во рамки на 6. коло од квалификациската група за пласман на СП 2022.
Момците на Благоја Милевски уште од почетокот на мечот наметнаа силно темпо и висок пресинг. Со тоа брзо им ја одземавме топката на Романците а поседот на топка беше на 70% во наша корист. Се плетеше мрежата околу голот на голманот Нита, но немаше некоја вистинска шанса за гол иако имавме 6 шута кон голот од кои 3 во рамките.
Второто полувреме понуди неколку вистински шанси кои не ги искористивме. Благодарение на одличниот Елиф Елмас кој неколку пати се ослободуваше од неколку противнички фудбалери се доближивме до голот и прво Елмас а потоа и Барди имаа одлични прилики да ја донесат Македонија во водство.
Слично како и на натпреварот со Исланд и Ерменија, не успавме да направиме конекција со крилните играчи и нашите центарфори, Милан Ристовски во првото и Адис Јаховиќ во второто полувреме. Енис Барди и Џани Алиоски одиграа стандардно добро, а Чурлинов иако е ужива голема доверба кај селекторот Милевски воопшто не се снајде на теренот.
Со ова реми Македонија остана на четвртата позиција на табелата и останува да ги чека октомврските натпревари со Лихтенштајн и Германија за зголемување на бодовното салдо и приближување до второто место на табелата.