Англија и Швајцарија вечерва одиграа пријателски натпревар на „Вембли“ во Лондон што заврши со победа од 2-1 на домашната репрезентација, но најинтересниот момент се случи кога гостинските навивачи истакнаа транспарент.

Швајцарците го искористија моментот да ја исмеат Италија по поразот од Македонија во баражот за Светското првенство во Катар 2022. Токму на овој стадион минатото лето „аѕурите“ ја победија Англија во големото финале на пенали и станаа европски прваци. Интересно е тоа што на патот до титулата Италија со 3-0 ја победи Швајцарија во групната фаза.

Сепак, во квалификациите за Светското првенство, Швајцарија заврши прва во групата пред Италија, по што европскиот првак мораше во бараж каде што налета на Македонија.