Чави Хернандез,тренерот на Барселона, ги повика фудбалерите на својот тим да не ги повторат грешките од првиот натпревар од Лигата на Европа против Галатасарај, доколку сакаат да обезбедат пласман во четвртфиналето од ова натпреварување. Минатата недела на „Камп Ноу“, Барселона и турскиот клуб одиграа без голови, а каталонскиот гигант имаше катастрофална реализација.

Фудбалерите на Барселона упатија 14 удари кон противничкиот гол, а одличен беше и голманот Ињаки Пења, кој токму од Барселона замина на позајмица во Галатасарај.

„Имам чувство дека и денешниот натпревар ќе биде многу сличен на првиот. Противникот ќе игра со цврст блок во средниот ред и во одбраната. Треба да знаеме како да ги пробиеме и, се разбира, да бидеме многу поефикасни при реализацијата на шансите. За Барселона секогаш врвен приоритет е Лигата на шампионите и тоа воопшто не е за дискусија, но сега сме во Лигата на Европа и сакаме да го освоиме трофејот во ова натпреварување“, изјави Чави.

Галатасарај вечерва во Истанбул ја пречекува Барселона, а интересен е и дуелот меѓу Вест Хем и Севилја.