Фантастичната асистенција на Жоао Феликс во акцијата со Коке и правовременото додавање во шеснаесетникот во кој се создаде огромна дупка, на капитенот му отвори зицер, па шпанскиот репрезентативец не згреши и погоди во 49-та минута. Тој гол беше доволен за петта победа по ред на Атлетико и продолжување на пеколната трка со Барселона и Бетис за местата во Лигата на шампионите.
Димитриевски успеа на Антоан Гризман да му одбрани зицер на средина од вториот дел, имаше уште една интервенција од вкупно трите директни удари кон голот, но Рајо немаше идеја како да се избори за повеќе од минимален пораз и покрај поголемиот посед на топката.
Анхел Кореа на пет минути пред крајот беше исклучен, но и фудбалер повеќе на Рајо до крајот не му помогна да освои барем бод, по што овој клуб остана без победа во оваа 2022 година, сега со 32 бода на 13-та позиција, осум над зоната за испаѓање на девет кола до крајот на шампионатот.