После пет порази во низа на „Ел Класико“, Барселона вечерва се прикажа во најдобро можно светло во домот на „кралевите“, доминирајќи од почеток до крај на гостувањето кај вечниот ривал.
Карло Анчелоти не можеше да смета на Карим Бензема и дефанзивецот Менди, но тоа не може да послужи како изговор со оглед на тоа што Барселона комплетно го надигра неговиот тим.
Гостите тргнаа подобро и поведоа со голот на Обамејанг, а во првото полувреме во листата на стрелците се запиша и Араухо по корнерот на Дембеле. За Усман ова беше втора асистенција и потврда за добрата форма во последно време, која доаѓа по турбулентниот период во јануарскиот трансфер пазар.
Негативата од 0:2 го натера Анчелоти да прави измени на полувреме, но ниту Камавинга и Диаз не променија ништо на теренот. Второто полувреме тргна со колосална шанса на Феран Торес, но откако не ја искористи, доби втора шанса во следната акција и погоди за 0:3.
Набрзо после ова пристигна и вториот гол на Обамејанг за 0:4, па по 53 минути игра беше јасно дека Барселона ќе ги освои трите бода и ќе победи против Реал по пауза од шест меча.