Селекторот на холандската фудбалска репрезентација Луј ван Гал на прес-конференција во пресрет на пријателските натпревари со Данска и Германија изјави дека смета дека му е смешно Светското првенство да се одржува во Катар. Познатиот холандски стручњак смета дека главната причина за тоа се парите.
“Ќе играме во земја каде што ФИФА вели дека ќе помогнеме во развојот на фудбалот. Тоа е срање. Турнирот во Катар е мотивиран само од пари и комерцијални интереси. Тоа е сè што е важно за ФИФА. Холандската федерација никогаш не била за одржувањето на Светското првенство таму, се разбира, не го одобруваме начинот на кој работниците беа третирани таму“, рече Ван Гал.
Гласањето на Катар за домаќин на Светското првенство во 2022 година беше придружено со бројни обвинувања за корупција, но ФИФА тоа го демантираше. Катар, исто така, се најде на мета на голем број oрганизации за човекови права поради условите за работа на градежните работници.
„Зошто мислите дека не сум во комисиите на ФИФА со мојата стручност? Затоа што отсекогаш сум се спротивставувал на вакви работи. Тоа не е во ред“, заклучил Ван Гал, жестоко обвинувајќи ја ФИФА. „Можам да го кажам тоа подоцна во Катар, но тоа нема да му помогне на светот да го реши овој проблем.
Британскиот весник Гардијан објави дека најмалку 6.500 странски работници кои работеле на изградбата на стадионите ги загубиле животите во Катар. Минатата година играчите од Холандија, Германија и Норвешка носеа маици со пораки кои укажуваат на недостаток на човекови права во Катар.