Честитки за големата победа на Македонија кај Италија(0-1) доаѓаат од сите страни, а меѓу нив е и онаа на највисокиот државен функционер, претседателот на земјата, Стево Пендаровски.
Пендаровски често можеме да го видиме на фудбалските натпревари кои ги игра Македонија, а сега реши да се пошегува на социјалната мрежа „Твитер“. Првиот човек на државата објави фотографија од радоста на Македонија и заедно со неа напиша „Подготви се Кристијано, ти си следен!“.
Пораката понатака гласи:
„Нашите фудбалски херои веќе ја испишаа историјата на македонскиот фудбал. Честитки за победата, пожртвуваноста, храброста и борбеноста во играта на нашата македонска фудбалска репрезентација против силниот противник. На чекор до Катар, благодарни сме на радоста што ни ја приредувате“, напиша Пендаровски.
Токму Португалија на првата светска ѕвезда Кристијано Роналдо е следен противник на Македонија. Финалето за место на СП 2022 се игра во Порто, во вторник, со почеток од 20:45 часот.