Аргентина со големи маки успеа да го скрши отпорот на Панама дури во финишот, а резервистот Алмада, кој влезе во вториот дел погоди за 1:0 во 78-мата минута. Во 89-тата минута се случи историски момент, кога Меси со гол од слободен удар стигна до јубилејниот 800-ти гол во кариерата.
По завршување на средбата, селекторот Лионел Скалони го зеде микрофонот во раце и почна да скандира „Меси, Меси“, што наиде на делириум кај гледачите.
Ова всушност беше вистинско славење за Аргентинците по освоената светска титула. Пред натпреварот, сите фудбалери кои беа дел од Мундијалот добија реплика од светскиот пехар.
На крајот, како што и се очекуваше, Меси заврши на рацете на своите соиграчи, кои едноставно знаат кој е нивниот вистински лидер и кој е најзаслужен за целата оваа радост по освоеното Светско првенство во Катар.