Македонската репрезентација после историскиот настап на Еуро 2020, сега дојде на чекор до уште поголем успех и настап на првото Светско првенство, март за Македонија се претвори во посебен месец, зашто во изминативе година дена паднаа два светски гиганти – Германија и Италија.

Македонија ја чека завршната пресметка со Португалија за место на Мундијалот во Катар, а во изминативе пет години,  Македонија има 10 меча и само еден – несреќен пораз!

Единствено загубивме во ова „мартовско лудило“ на македонската фудбалска репрезентација, во Букурешт против Романија.  После 0-2, за две минути во завршницата Македонија успеа да дојде до реми ама не издржавме и четири минути пред крајот Јанис Хаџи ни даде гол за триумф на Романците со 3-2.

Тоа е единствениот меч на кој не победивме, а сѐ започна со триумфот во Вадуц со 3-0 против Лихтенштајн во мундијалските квалификации за СП 2018 година, кога неколку „златни младинци“ после пласманот на Еуро 2017 првпат заиграа за А-тимот,  и започна македонската ренесанса.

Белорусија со 3-0 на пријателска во 2017, па Летонија со 3-1 во евроквалификациите, потоа триумфи над Лихтенштајн со 5-0 и епските последни две со Германија  2-1 во Дуисбург и со Италија во четвртокот во Палермо  1-0 се шестте триумфи во овие пет години од „мартовското лудило“. Две ремија во Анталија на пријателски подготвителни мечеви со Финска и Азербејџан во 2018 и реми со Словенија во Љубљана во 2019 година се останатите три на кои немаме пораз од овие десет мартовски мечеви.

Посебна желба е оваа серија да продолжи со најзначајната победа, за да се испише нова фудбалска историја и со тоа март да стане уште попосебен месец за македонската фудбалска репрезентација.

2017 ГОДИНА
24 март – квал.СП 2018 – Лихтенштајн – Македонија 0-3 (Вадуц)
28 март – пријателска – Македонија – Белорусија 3-0 (Скопје)

2018 ГОДИНА
23 март – пријателска – Македонија – Финска 0-0 (Анталија, Турција)
27 март – пријателска – Македонија – Азербејџан 1-1 (Анталија, Турција)

2019 ГОДИНА
21 март – квал.Еуро 2020 – Македонија – Летонија 3-1 (Скопје)
24 март – квал.Еуро 2020 – Словенија – Македонија 1-1 (Љубљана)

2021 ГОДИНА
25 март – квал. СП 2022 – Романија – Македонија 3-2 (Букурешт)
28 март – квал. СП 2022 – Македонија – Лихтенштајн 5-0 (Скопје)
31 март – квал. СП 2022 – Германија – Македонија 1-2 (Дуисбург)

2022 ГОДИНА
24 март – бараж СП 2022 – Италија – Македонија 0-1 (Палермо)

ВКУПНО – 10 МЕЧА – 6 ПОБЕДИ, 3 РЕМИЈА, 1 ПОРАЗ – ГОЛ-РАЗЛИКА 21-7