Европската фудбалска унија (УЕФА) соопшти дека започна продажбата на билетите за финалето на Лигата на шампионите.

Продажбата на билетите ќе се одвива од 20 до 28 април во 14 часот преку официјалната веб-страница.

Како и обично, најголем дел од билетите ќе можат да купат навивачите на двата тима кои ќе играат во финалето.

На навивачите ќе им бидат продадени вкупно 52.000 билети, од вкупниот капацитет на стадионот „Стад де Франс“ кој изнесува 75.000 седишта.

Двата тима кои ќе стигнат до финалето ќе добијат по 20.000 билети, а останатите 12.000 ќе им бидат понудени на навивачите преку веб-страницата на УЕФА.

УЕФА додаде дека 10.000 билети за навивачите ќе бидат доделени бесплатно, во знак на благодарност за поддршката за време на пандемијата на корона вирусот.

Процесот на продажба и доделување билети резервирани за навивачите на екипите кои ќе се пласираат во финалето ќе го организираат клубовите.

Останатите билети ќе им бидат доделени на организаторите, УЕФА, фудбалските федерации, спонзорите и радиодифузерите.

Цените на билетите се движат од 70 евра за четврта категорија до 690 евра за прва категорија.

Влезниците за лицата со попреченост се достапни по цена од 70 евра, а дополнителен билет може да се побара бесплатно.

Во полуфиналето од Лигата на шампионите ќе се сретнат Ливерпул или Виљареал, односно Манчестер Сити или Реал Мадрид.

Финалето е закажано за 28 мај во Париз во 21 часот.