Фудбалерите на Рома стигнаа до втората последователна победа славејќи на гостувањето кај Сампдорија во Џенова со 1:0 и со тоа направија чекор поблиску до позицијата која води во Лигата на шампионите.
Рома поведе со голот на Хенрик Миктарјан во 27. минута. Топката среќно стигна до најдобриот ерменски фудбалер, откако претходно беше одбиена од Торсби, кој интервенираше пред Абрахам, но немаше среќа.
https://www.dailymotion.com/video/x89og7b
Капуто имаше убава можност за Сампдорија во 21. минута да му асистира на Сенси, но Руи Патрисио ја увиде намерата и лесно го одбрани овој удар.
Натпреварот не изобилуваше со многу прилики, бидејќи гостите се задоволуваа со минималната предност, а во 78. минута Абрахам ја пропушти можноста да ја запечати судбината на Сампдорија, чиј удар беше одбиен од еден од домашните играчи.
Сампдорија на моменти се обидуваше да го загрози голот на Патрисио, но недоволно за да стигне барем до бод, па не успеа да стигне до втората победа во низа и дополнително да избега од опасната зона.
Моментално е на седум бода од местото кое води во понизок ранг, а следниот меч го игра за осум дена во Болоња каде ќе се обиде да биде поуспешна од попладнево.
Рома со оваа победа го мина Лацио и сега е на пет бода од Јувентус и местото кое води во Лигата на шампионите, па сосема логично е вечерва да му даде поддршка на Интер во дербито што се игра во Торино.