Манчестер Јунајтед се договорил со Ерик Тен Хаг, кој треба да биде нов менаџер на „црвените ѓаволи“ во новата сезона. Информациите ги потврдуваат повеќе извори, пред се новинарите на ЕСПН, Марк Огден и Роб Досо. Првиот е особено близок со луѓе од клубот.

52-годишниот Холанѓанец беше интервјуиран од Јунајтед минатиот месец и е фаворит број 1 за оваа функција, а другите имиња се оние на Маурисио Покетино, Луис Енрике и Хулен Лопетеги.

ЕСПН тврди дека Тен Хаг наскоро ќе биде објавен за нов менаџер на Јунајтед, бидејќи поранешниот тренер на Утрехт ќе го напушти гигантот Ајакс Амстердам. Потрагата по нов менаџер беше спроведена од фудбалскиот директор Џон Муртоу и техничкиот директор Дарен Флечер, кои му дадоа информации на извршниот директор Ричард Арнолд, кој на крајот му ги соопшти идеите на сопственикот Џоел Глејзер. Изданието тврди дека некои од газдите на клубот мислеле дека тренерот на ПСЖ, Маурисио Покетино е вистинскиот избор, но Арнолд и Глејзер биле категорични дека Тен Хаг е „човекот“ за Манчестер Јунајтед.