Тренерот на Арсенал, Микел Артета изјави дека чувствува болка гледајќи европски натпревари, кои неговиот клуб не ги игра оваа сезона.
Арсенал минатата година заврши на осмото место во Премиер лигата и за прв пат по 26 години не успеа да се квалификува за европските натпреварувања.
Бидејќи оваа сезона се игра и Конференциската лига, ова значи дека Арсенал не успеа да освои место меѓу 96 тимови кои играат во групите на Лигата на шампионите, Лига Европа и новоформираното европско натпреварување.
“Многу боли кога гледаме ТВ и сите тие тимови овие денови и не го гледаме Арсенал. Болно е. Не сакаме да седиме и да го гледаме Арсенал надвор од тие натпреварувања. Мораме да се фокусираме и да се бориме”- изјави Артета.
Неговиот тим имаше тежок почеток сезонава. По три кола, беа без бодови, со гол разлика 0: 9, што беше најлош старт во историјата на клубот. Сепак, минатиот викенд стигнаа до првите бодови совладувајќи го Норич дома (1: 0).