Некогашниот француски првак Сент Етјен остана во опасната зона откако вечерва загуби кај Лориен, еден од директните конкуренти за опстанокот со 2-6 во 31-то коло во француската Лига 1.
На Сент Етјен малку му беше и водство од два гола, откако после само 22 минути имаше огромни 2-0 со погодоци на Буанга во четвртата и Нордин во 22-та, но тешко стекнатата предност за три минути во завршницата од првиот дел ја прокоцкаа, па Мофи во 42-та и Коне во судиското надополнување до паузата израмнија, а потоа тотален дебакл им се случи на „зелените“ во вториот дел.
Ле Фе и Коне со вториот гол за четири минути им го најавија поразот (61 и 65. минута), а откако Нежу во 68-та беше исклучен, јасно беше дека Сент Етјен се предаде, па Мофи со втор гол на три минути пред крајот и Босигард во 90-та ја заверија шестката за Лориен.
Лориен сега со победата избега на четири бода од опасната зона во која прв е Сент Етјен и го има местото за баражот со 27 бода, а најблизок ривал со меч помалку е Клермон, кој е на 28 бода.