Најдобриот фудбалер на Реал Мадрид, Карим Бензема е главниот фаворит за освојување на „Златната топка“ оваа година, тврди францускиот весник „Л’Екип“.
Годинава има значаен новитет во доделувањето на најпрестижната индивидуална награда во фудбалот, а тоа е фактот што истата ќе се доделува по завршувањето на сезоната, а не на крајот на календарската година. Наградата ќе биде доделена на лето по завршувањето на Лигата на шампионите и првенствата, а за истата нема да има значење настапот на играчите на Светското првенство во Катар, кое започнува во втората половина на ноември.
„Л’Екип“ тврди дека Бензема е многу далеку пред другите фаворити за трофејот, а негови главни адути не се само хет-трикот против ПСЖ и оној со Челзи во Лигата на шампионите, туку и 24-те гола со кои треба да стане најдобар стрелец во шпанската Ла Лига, евентуалната титула со Реал Мадрид, освојувањето на Лигата на нации со Франција во октомври и 5-те гола за „Галските петли“. Навистина Бензема има импресивни остварувања оваа сезона.