Претседателот на УЕФА Александар Чеферин изјави дека санкциите против Русија поради агресија врз Украина не треба да важат за руските спортисти и дека УЕФА наскоро ќе донесе одлука за настапите на руските клубови во натпреварувањата на Европската фудбалска асоцијација.
Во интервју за мариборскиот весник „Вечер“ во саботата, Чеферин рече дека рускиот спорт не треба да страда поради „индивидуални одлуки“, но дека УЕФА сепак е принудена да донесе некои одлуки и санкции поврзани со настапите на руските клубови во европските натпреварувања.
„УЕФА наскоро ќе одлучи дали руските клубови ќе можат или не да се натпреваруваат во европските натпреварувања“, рече претседателот на УЕФА, Чеферин, додавајќи дека смета дека треба да се посвети поголемо внимание на повиците за мир и соработка насекаде во светот.
Според него, руските спортисти сносат санкции, иако не се виновни за војната и треба да се покаже дека санкциите не се насочени против руските спортисти или рускиот народ.