Стефан Спировски, еден од фудбалерите во македонскиот национален тим кој остави силен впечаток на септемвриските натпревари против Ерменија, Исланд и Романија зборува за првичните впечатоци од соработката со новиот селектор и стручниот штаб, како и за важноста, тимот да биде над сѐ.
“Впечатоците од нашата соработка со новиот селектор Благоја Милевски и стручниот штаб се повеќе од позитивни. Иако времето за подготовките пред септемвриските натпревари беше релативно кратко, имам само пофални зборови за почетокот на нашата соработка. Прв пат сме заедно, но веднаш се забележува неговата принципиелност во работата, како тренер, но и како човек, а тоа го потврдуваат и моите колеги кои веќе работеле со него. Мислам дека како тим ќе соработуваме добро во иднина.” вели Спировски.
Фудбалерот од средниот ред кој започнува нова клупска авантура во украински Мариупол нагласува дека единствено доколку тимот биде над сѐ имаме шанса да играме на ново големо натпреварување. Вели дека сме на вистинскиот правец.
“Како тим имаме свои цели. Пак, ќе кажам, иако резултатски можеби не ги оправдавме очекувањата на македонските навивачи, сметам дека сме на вистински правец повторно да направиме нешто големо и Македонија да игра на големо натпреварување. Но, секако треба да сфатиме дека тимот е тој што го победува и најтешкиот и најсилниот противник. Ако сите се ставиме во функција на тимот и дишеме како едно тогаш сме на правиот пат.” – дополни Спировски.