Еден од најталентираните тенисери во Европа, Марко Максимовиќ (16) од Добој, незадоволен од условите што ги имаше во Босна и Херцеговина, се пресели во Белград и сега тренира во академијата на Новак Ѓоковиќ, најдобриот тенисер во светот. Тој во иднина ќе игра за Србија.
Во интервју за Мондо, победникот на завршниот Јуниорски Мастерс за 2021 година детално објасни зошто се решил на овој чекор.
„Во БиХ не добив ништо, немав никакви услови, дури тие беа катастрофални и тоа се најголемите причини поради кои решив да заминам во Србија. Во Србија се е многу подобро. Работам во Белград на Академија Новак Ѓоковиќ каде имам одлични услови. Тренирам и напредувам“, изјави младиот тенисер.
Максимовиќ неодамна имаше можност да тренира со најдобриот светски тенисер.
„Беше фантастично, тој е најдобриот играч на сите времиња, имав привилегија да тренирам со него и да му се заблагодарам за тоа. Тој сподели неколку совети со мене, и најважно ми рече само да работам и да се трудам , а останато ќе дојде. Неговите зборови имаат тежина бидејќи знам низ што поминал во кариерата“, изјави младиот тенисер.
Да потсетиме, во октомври минатата година Максимовиќ го освои завршниот Мастерс за јуниори во Монте Карло.
Со овој успех тој стана само вториот тенисер од овие простори кој успеал во тоа, а прв беше Ѓоковиќ.