Далас Маверикс ја победи Јута на гости со 98:96 и со вкупен триумф од 4:2 во серијата успеа да се пласира во конференциското полуфинале. Во финишот на натпреварот клучната „тројка“ за победа на Далас ја постигна Џејлен Брaнсон, додека во последниот напад шут за три поени промаши Бојан Богдановиќ, по што Јута мораше да се помири со елиминацијата во првата рунда од плеј-офот.

Брансон и Лука Дончиќ постигнаа по 24 поени за тимот од Тексас, а словенечката ѕвезда додаде и девет скока и осум асистенции. Најефикасен кај Јута беше Донован Мичел со 23 поени.

Ова е првпат Далас да го мине првото коло од плеј-офот по 2011 година кога ја освои титулата во НБА лигата.

Во полуфиналната рунда на Западот, Далас го пречекува Феникс, кој синоќа исто така обезбеди пласман во второто коло од плеј-офот на Западната конференција, откако на гости го победија Њу Орлеанс со 115:109 и ја затворија серијата со 4:2. Домашните водеа на полувремето со 58:48, а Феникс во последната делница стигна до пресврт. Крис Пол го предводеше Феникс со 33 поени, осум асистенции и пет скока, Деандре Итон додаде 22 поени, со седум скока, а Михал Бриџис постигна 18 поени. По повредата на теренот се врати најдобриот играч на Феникс, Девин Букер, кој постигна 13 поени во победата на својот тим.

Пласман во второто коло обезбеди и екипата на Филаделфија која на гости беше подобра од Торонто со 132:97. Филаделфија го реши првото коло од плеј-оф серијата на Источната конференција во своја корист со резултат 4:2. „Дабл-дабл“ во победничкиот тим постигна Џоел Ембид со 33 поени и 10 скока.

Филаделфија во полуфиналето на Источната конференција ќе игра против Мајами.