Бразилецот Ришарлисон го урна Челси и му донесе голема победа на Евертон (1-0) во битката за спас во Премиерлигата, втора за „карамелите“ во изминативе месец и пол после триумфот над Манчестер јунајтед, а Тотенхем го прегази Лестер со 3-1 во трката за Лигата на шампионите после 35-то коло во англиската елита.
Голема надмоќ и доминација имаа лондонските „сини“, двојно повеќе удари, шанси, седум корнери на „Гудисон Парк“, кога Бразилецот по две минути игра во вториот им даде гол и на крај донесе големи три бода во трката за опстанокот.
Евертон остана трет одоздола, но сега со 32 бода, само два помалку од Барнли и Лидс како главни конкуренти и плус со меч помалку од нив.
Јужнокорејската ѕвезда Сон даде два гола, а еднаш асистираше за убедливата победа на Тотенхем со 3-1 против Лестер на „Вајт Харт Лејн“ со што ја продолжи битката за пласман во Лигата на шампионите, па го прескокна Арсенал на четвртото место и сега „топчиите“ ги чека лондонската пресметка со Вест Хем.
Челси со поразот остана на 66 бода, Тотенхем дојде на 61, а Арсенал со меч помалку има 60 бода и „сините“ сѐ уште не се сигурни за ЛШ, зашто има уште четири кола за доигрување и 12 бода во оптек.
Попладнево Сон тргна со асистенција за Хери Кејн во 22-та минута, а потоа даде два гола во 60-та и 78-та на асистенции на Дејан Кулушевски, за Келечи Иченачо во првата минута од судиското надополнување да постигне почесен гол за Лестер.