Шпански Ас носи неверојатни вести. Висок член на албанската влада беше уапсен од албанската полиција во операција координирана од Интерпол по судската истрага во Ла Коруња. Алфред Продани (41) е уапсен во градот Лач и треба да биде екстрадиран во Шпанија за да му се суди за наводен насилен грабеж во десетици домови во Шпанија, вклучувајќи го и оној на Карим Бензема.
Францускиот напаѓач стана жртва на нападот на 27 февруари 2019 година додека го играше Класико против Барселона на Сантијаго Бернабеу. Се играше полуфинале во Купот на Шпанија, а по последниот судиски свиреж Бензема доби информација дека во неговиот дом се случил грабеж. Според властите, зад ова дело наводно стои Продани, кој е обвинет и за 40 други грабежи во Шпанија од 2013 година.
Обвинетиот е владин функционер кој со години бил директор на јавното водостопанство во Курбин, а на функцијата дошол поради врски со албанската социјалистичка влада. „Краде од Бензема, а тие го поставуваат за директор. Ако успее да го ограби Меси, ќе го назначат за министер“, изјави Крешник Спахиу, лидер на партијата Црвено-црна алијанса.
Сали Бериша уште во 2019 година тврдеше дека обвинетиот ја ограбил куќата на Бензема, но Продани ги негираше таквите наводи. Вкупно, тој е осомничен за околу 40 кражби низ Шпанија.