Србинот во моментов има 999 победи, што значи со евентуален денешен триумф ќе ја заокружи илјадарката и ќе влезе во елитно друштво на двајца сѐ уште активни и двајца одамна пензионирани великани. Најдобар во оваа катагорија е Џими Конорс со 1.274 победи, зад него е Роже Федерер со 1.251, трет е Иван Лендл со 1.068 триумфи додека четврти е Рафаел Надал со 1.051 победа.
Ѓоковиќ одамна требаше да ја надмине оваа магична граница, но имаше големи проблеми годинава, со оглед што не играше во поголем дел од неа поради одбивањето да се вакцинира, што до пред извесно време беше главен услов за настап на турнирите. Тој мина и низ страшен период во Австралија, каде што беше притворен поради наводно нелегално влегување во државата, од каде што потоа беше депортиран без да му се дозволи да биде дел од гренслем-турнирот во Мелбурн.
Во второто полуфинале во италијанската престолнина, силите ќе ги одмерат Александар Зверев и Стефанос Циципас.