Голем пех му се случи на Ливерпул попладнево во финалето во ФА-Купот, откако после пола час игра се повреди најдобриот фудбалер на „црвените“, Мохамед Салах.
Салах мораше да го напушти теренот, жалејќи се на болка во слабините и горниот дел од бутниот мускул на ногата, што е сериозен проблем за „црвените“ на точно две недели пред финалето во Лигата на шампионите.
Допрва ќе биде познато за што станува збор, дали таа повреда е посериозна или замената е направена превентивно за да не се влоши истата ако Египќанецот продолжеше да игра на мечот на „Вембли“.
Челзи и Ливерпул се борат за трофејот во најстарото островско натпреварување, а првата третина од мечот мина со извонреден фудбал и со низа шанси на двете страни.