Далас предводен од Лука Дончиќ на крајот од првата четвртина поведе со 27:17, а на полувремето веќе имаше големи 57:27. Неверојатната доминација на тексашаните продолжи и во третиот период, кој на крајот го завршија со предност од рекордни, плус 42 (92:50).
Санс промашија шутеви кои не се пропуштаат и не личеа на тимот кој беше најдобар во регуларниот дел од НБА лигата. До полувремето многу навивачи на домашниот тим со свирежи ги испратија домашните ѕвезди.
Дончиќ го предводеше Далас со 35 поени, Спенсер Динвиди додаде 30, додека Џејлен Брансон постигна 24 поени. Во редовите на Феникс, Девин Букер постигна само 11 поени, а Крис Пол само 10.
Далас во финалето на Западот ќе игра против Голден Стејт, а првиот натпревар е закажан во четврток наутро во Сан Франциско.
Претходно синоќа кошаркарите на Бостон во решавачкиот седми меч го совладаа бранителот на титулата Милвоки со 109:81 и се пласираа во финалето на Источната конференција, каде ќе играат против Мајами.
Селтикси до победата ги предводеа Грант Вилијамс, кој постигна 27 поени, од кои седум тројки, и Џејсон Тејтум, кој додаде 23 поени.