Најсилната кошаркарска лига на светот, НБА ќе добие нов владетел откако актуелниот шампион Милвоки Бакс синоќа загуби во „мајсторката“ со Бостон Селтикс, кој со шутерско шоу за три поени го разнесе првакот и обезбеди конференциско финале.
Бостон славеше со 109-81 во седмиот меч откако од сите страни ги изрешетаа Бакс, па Грант Вилијамс даде седум тројки за своите 27 поени, Џејсон Татум погоди петпати за три поени и за своите 23 поени, а Пејтон Причард даде четири тројки и 14 поени од вкупно 22 на мечот. Џејлен Браун имаше 19 поени, а Маркус Смарт беше петти со двоцифрен ефект од 11 поени, додавајќи и 10 асистенции.
Милвоки добро тргна во мечот, на средина од првата четвртина имаа плус 10 (24-14) и тука застанаа. Бостон комплетно се врати, а до полувреме дојде на плус пет (48-43) и потоа во третиот период ги прегази шампионите.
На стартот од третиот период дојдоа до двоцифрена предност, најмногу до 13 поени неколкупати, а пред крајот ги имаа највисоките 76-60 и веќе се гледаше победникот во „мајсторката“. Во завршниот период Милвоки немаше решение за „келтите“, кои стигнаа и до 20 разлика (91-71), па не се опуштија и продолжија да го газат ривалот сѐ до конечните плус 28 (109-81).
Најдобриот кошаркар на Милвоки, Јанис Антетокумпо за една асистенција остана покус за трипл-дабл, имаше 23 поени, 20 скока и девет асистенции, а само од Џру Холидеј имаше поддршка, кој даде 21 поен.
Бостон против Мајами Хит ќе се бори во конференциското финале за пласман во големото финале во НБА, во кое 17-кратниот НБА шампион нема играно од 2010 година.