Јувентус ремизираше во дуелот со Лацио (2-2) во вчерашниот последен меч на домашен терен сезонава, кој немаше резултатско значење за двата тима, но имаше емотивно за капитенот на „бјанконерите“, Џорџо Кјелини.

Италијанскиот репрезентативец за последен пат истрча пред навивачите на тимот за кој настапуваше изминативе 17 сезони, поради што одигра по една минута за секое одиграно првенство во црно-белиот дрес по што беше заменет со Де Лихт. Тоа беше последен домашен дуел и за уште неколку фудбалери на Јуве, меѓу кои е и Паоло Дибала, кој до крајот не најде заеднички јазик со управата за продолжување на договорот.

 

Токму стрелецот на првиот гол, Душан Влаховиќ, прославата ја посвети на Аргентинецот, радувајќи се во негов стил со знакот на „Зоро одмазникот“, додека вториот погодок, исто така во првото полувреме го постигна Алваро Мората. Гостите намалија на стартот од вториот дел со автоголот на Алекс Сандро, додека Милинковиќ-Савиќ спречи славје на јувентините буквално во последните секунди од мечот.

 

Јуве сигурно ќе биде третопласиран на крајот од сезоната и ќе игра во Лигата на шампионите, додека Лацио ќе биде петти и ќе настапи во Лига Европа.